пятница, 1 февраля 2008 г.

ВАРЕНО МЛЕКО – МИХАИЛ НАУМЕНКО

Бев таму, бев тука, бев секаде, сé видов, но ништо не запомнав. А многу заборавив. Имав перфоратор и машина за шиење. Обично ги користев дење, по приемот кај мозамбиканскиот амбасадор. Тие ми ја враќаа мојата душевна рамнотежа.
Го видов него, ја видов неа, ги видов скоро сите, но не се видов себеси. И сé заради тоа што немам огледало. Не го чувам, бидејќи тоа има обичај да им пречи на моите утрински мисли. Затоа имам бара од сок од ананас. Таа ми лежи во ладилникот до Прирачникот на Почетникот Крамолов. Тоа е мојата омилена книга. Вистина, ниту еднаш не сум ја читал, но таа сеедно ми се допаѓа. Сакам да ја зачувам за моите идни деца, доколку, се разбира, некогаш им текне да се појават на светов.
Значи, немам огледало. А уште и немам мачор, кој се вика Плутарх. Овој мачор е стар, сед, дебел и мрзелив, а се храни со комарци. Има римски нос и сини очи. Наесен се митари, ги фрла роговите и потонува в зимски сон. Затоа лете речиси и не спие и по цели денови се губи во продавницата за радио апарати: тој е шпекулант. Не можам да трпам шпекуланти, но мачорот Плутарх го сакам: добар е. Многу ми е жал што го немам. Од мојот прозорец се гледа мртва природа. Да, да, мртва природа во полна смисла на зборот: на соседниот покрив еве веќе месец лежи пцовисан слон. Сум читал дека никој не знае каде одат да умрат слоновите. Така значи, да знаете дека слоновите одат да умираат на мојот соседен покрив. За скромна парична награда можам да ви ја кажам адресата. Веројатно, време е да се готви вечера и да се оди на прошетка. Зошто вечера? Затоа што сега е утро, а синоќа не успеав да поткаснам нешто. Сега ужасно ми се пуши, но не е во моите правила да се пуши на гладно срце. Тоа е исклучително штетно за здравјето. А здравјето- тоа е ѓаволски важна работа, којашто ми треба за да доживеам сто триесет и две години. Зошто ми е ова потребно? За да можам да го надживеам мозамбиканскиот амбасадор. До смрт ми омрзна и на стари години ќе ми биде пријатно секој Вторник да си поседам по малку на неговиот гроб. Сега, со ваша дозвола, ќе си сварам чашичка млеко. Вие умеете да си сварите млеко? Не? Попусто. Јас умеам, но тоа е моја скриена тајна и јас, најверојатно, ќе ја понесам со себе в гроб. Но нема да биде набргу, се надевам. Приближно по сто-сто и дванаесет години.
А уште сакам да набавам бомбардер. Би го поставил во шума и внатре би направил ноќен бар. А во резервоарите за гориво би ставал краставички во туршија и би ставал домати во пресол. Вистина, не умеам да го правам ова, но некого би најмил. Тој човек би се викал Симпсон, би бил родум од државата Северна Каролина, пензиониран морнарички офицер и љубител на покер. Би играле со него покер, а понекогаш канаста, дење би ставал краставички во туршија и би ставал домати во пресол, а навечер би седеле во ноќниот бар и би гледале на телевизија хокеј, криминалистички филмови и забавни програми. Ноќен бар - тоа е многу корисна работа, особено ако за него никој не знае. А, доколку во бомбардерот нешто би почнало да експлодира, тогаш ние би се спуштиле во засолниште. Таму е тивко, светло и тажно. Но, сепак, подобро би било таму да е гласно, темно и весело. И тоа не би било засолниште, туку ноќен бар, а за ноќниот бар ми се чини дека веќе ви раскажував. А уште ми треба и татнеж. Капнав од одење барајќи го по продавниците. Никаде го нема, а индустријата, се чини, не го произведува. Вие знаете каде може да се набави татнеж? Што ќе правам со него? О?! Ќе го чувам и ќе се грижам за него. А ќе го вклучувам само во саботите навечер, за да не биде дома толку тивко и да не морам повторно да се напивам. Не сакам да се напивам затоа што следниот ден утрото се чувствуваш топол и глупав и мораш пак да си вариш млеко, а тоа е многу долготрајна и напорна процедура, и секој пат таа ме депримира. До таа мера ме депримира што ми доаѓа да фрлам сé и да одлетам во Бичкрафтсити. Бичкрафтсити - тоа е градот во којшто се родив по втор пат. Таму свети сонце и владее Сувиот Закон. Таму живеат луѓе и мравојади. Мравојадите јадат мравки и комарци и затоа таму нема дизентерија. А понекогаш таму, сепак, паѓа дождец, знаете, дождец, како раката на мојата жена. Веројатно, вие неа не ја познавате. Се вика Анастасија, и сé уште е жива, но скоро ќе умре. Си мислам, тогаш и јас исто така ќе умрам. Но нема да умрам скоро: после сто- сто и дванаесет години. ќе појдам да умрам на покривот на соседната куќа; многу ги сакам слоновите, поточно, не слоновите, ами слончињата - ги сакам не помалку од мачорот Плутарх, но сепак тој е подобар. Некако ми е поблизок.
А сега е време да се ита: брзам на отворањето на Зоолошката градина. Ме повикаа таму како почесен член на Друштвото за заштита на мравојадите. Веројатно ќе ме замолат да ја пресечам лентата со ножици. Ова е мошне тешка и многу одговорна работа, но затоа мене потоа ќе ми врачат цвеќе, а цвеќињата ги сакам. Затоа јас, веројатно, сепак ќе слезам и ќе ја пресечам лентичката на вратите на Зоолошката градина. Зборот “Зоолошка” ми се допаѓа многу повеќе од зборот “Менажерија”, а дарот - тоа е, општо земено, речиси подарок, а подароци многу одамна никој ми нема дадено, а тоа е доволно тажно, што таму ни збор. Но, уште потажно ќе ми биде вечерва кога ќе си дојдам дома. Ќе бидам капнат и изнамачен. До толку изнамачен, што повторно ќе ми се чини дека на покривот на соседната куќа лежи мртов мравојад, или мртов слон, или мртва Анастасија. И повторно ќе ми стане тажно и повторно долго не ќе можам да заспијам. И, без сомневање, повторно ќе се опијам. А наутро повторно ќе се разбудам ѓаволски изморен. Ѓаволски се изморив да се будам ѓаволски изморен. И да варам млеко.

Превод од руски: Костадин Голаков

Комментариев нет: