пятница, 1 февраля 2008 г.

ПРИНЦОТ ИВАН, ЖАР-ПТИЦАТА И СИВИОТ ВОЛК – РУСКА НАРОДНА СКАЗНА

Во едно царство си живеел некој цар што се викал Вислав Андронович. Тој имал три сина: најстариот – принцот Дмитриј, средниот – принцот Василиј и најмладиот – принцот Иван. Царот Вислав Андронович имал толку убава градина каква што немало во ниту едно друго царство. Во таа градина растеле многу ретки дрвја. На царот омилена му била една јаболкница на која растеле јаболка од суво злато.
Една жар-птица се настрвила да слетува во царевата градина. Таа имала перја од злато, а нејзините очи биле блескави како кристал. Таа секоја ноќ долетувала во градината, слетувала врз омилената јаболкница на царот, ги истресувала од неа златните јаболка и повторно одлетувала.
На царот Вислав Андронович му било многу жал за јаболката, па кај себе ги викнал своите тројца синови и им рекол:
Драги деца, кој од вас може да ја фати жар-птицата? Оној што ќе ја фати жива дури сум жив ќе го добие половина царство, а откако ќе умрам ќе го наследи целото.
Тогаш синовите едногласно рекле:
- Милостив господару, татко наш, Ваше царско величество! Со задоволство ќе се потрудиме да ја фатиме жива жар-птицата.
Првата ноќ во градината отишол да чува стража принцот Дмитриј. Само што седнал на гранката од кој жар-птицата ги тресела јаболката, заспал и не слушнал кога таа долетала и ги истресла јаболката. Следното утро царот, Вислав Андронович, го повикал својот син, принцот Дмитриј и го прашал:
- Што направи сине, ја виде ли жар-птицата?
Принцот му одговорил на татка си:
- Не, милостив господару! Не долета ноќеска.
Другата ноќ принцот Василиј отишол да чува стража во градината. Седнал на истата јаболкница, па и тој заспал и не слушнал кога долетала жар-птицата и ги истресла јаболката. Утредента царот Вислав го повикал кај себе и го прашал:
- Што направи сине, ја виде ли жар-птицата?
- Не, милостив господару! Не долета ноќеска.
Третата ноќ принцот Иван отишол да чува стража во градината и си седнал под истата јаболкница.
Си седел така, си седел, кога одеднаш неква светлина ја осветлила целата градина, како во неа да гореле илјадници свеќи. Долетала жар-птицата, слетала на јаболкницата и почнала да ги тресе јаболката. Принцот Иван вешто се прикрал до неа и ја фатил за опашката, но не можел да ја додржи. Жар-птицата се извлекла и одлетала, а на принцот Иван в рака му останал само еден пердув од нејзината опашка. Следнотот утро кога царот Вислав се разбудил принцот Иван отишол кај него и му го дал пердувот од жар-птицата. Царот многу се израдувал што најмладиот син успеал да му донесе барем еден пердув од жар-птицата. Пердувот бил толку прекрасен и блескав што во мрачната одаја веднаш свенувало како во неа да внеле безброј свеќи. Царот Вислав го ставил перото во своите одаи и наредил да се чува.
Оттогаш жар-птицата повеќе не долетувала во градината.
Царот Вислав повторно ги викнал своите синови и им рекол:
- Драги деца! Ви го давам мојот благослов да одите и да ја најдете жар-птицата и да ми ја донесете жива, а она што порано ви го ветив ќе го добие оној што ќе ми ја донесе.
Принцовите Дмитриј и Василиј зеле благослов од татко си и тргнале да ја бараат жар-птицата зашто им било криво што нивниот брат Иван успеал да искубе пердув од нејзината опашка. А, принцот Иван почнал да го моли татко си и нему да му даде благослов. Царот, пак, му рекол:
- Сине мој! Мое мило чедо! Ти си уште млад и неук за толку далечен и тежок пат. Не одделувај се од мене! Твоите браќа заминаа, а ако отидеш и ти сите тројца нема скоро да се вратите. Јас сум веќе стар и ми се ближи смртта. Ако Бог ми го земе животот дури не сте тука кој ќе управува со царството наместо мене? Може да дојде до бунт или, пак, до несогласување меѓу народот, па кој ќе го смирува тоа? Или на земјава наша може да и се приближи некој непријател, а ќе нема кој да ја предводи војската.
Но, колку и да се трудел царот Вислав да го задржи принцот Иван, не успеал, па најмладиот син си сел благослов од татка си, си одбрал коњ и заминал на пат, а и самиот не знаел каде.
Одел тој така по широкиот пат, одел, и стсасал до едно широко поле на кое стоел столб, а на столбот било напишано: “Тој што ќе тргне право од овој столб ќе биде гладен и несреќен; тој што ќе појде надесно ќе биде жив и здрав, но коњот ќе му биде мртов, а тој што ќе тргне налево ќе биде убиен, а коњот ќе му биде жив и здрав.”
Принцот Иван го прочитал овој натпис и тргнал надесно. Си помислил: коњов ќе ми биде убиен, но затоа јас ќе останам жив, а подоцна ќе си најдам друг коњ.
Одел тој така еден, два, ти дена, кога одеднаш во пресрет му излегол голем, огромен сив волк и му рекол:
- Здраво-живо, млад јунаку, принцу Иван! Прочита што беше напишано на столбот. Знаеш дека твојот коњ ќе биде мртов. Зошто тогаш поминуваш оттука?
И само што ги изговорил тие зборови волкот го растргнал коњот и заминал.
Му паднало жал на принцот Иван за својот коњ, горко заплакал и продолжил пеш по патот. Одел така цел ден, па кога застанал за да се одмори пред него се појавил сивиот волк и му рекол:
- Жал ми е, принцу Иван, што се намачи одејќи. Жал ми е што го растргнав твојот коњ. Јавни ме мене и кажи ми каде да те и носам и зошто.
Принцот Иван му кажал на сивиот волк каде треба да оди. Волкот јурнал побрзо и од коњ. Не минало многу време и среде ноќ го донел до еден камен ѕид кој не бил многу висок. Запрел волкот и рекол:
- Слези од мене, принцу Иван и премини го овој ѕид. Таму, зад него, се наоѓа градина, а во градината е жар=птицата во кафез. Зами ја жар-птицата, но кафезот остави го. Ако го земеш и кафезот нема да можеш да излезеш од градината, ќе те фатат.
Принцот Иван го прескокнал ѕидот и се нашол во градината. Ја видел жар-птицата во златен кафез, па ја извадил од него и тргнал назад. Но, се премислил, се полакомил и си рекол: Што ќе ми е птицава без кафез? Што ќе правам со неа?. Се вратил и само што го зел кафезот низ градината почнале да се слушаат грмотевици и татнежи, небаре во златниот кафез биле спроведени жици. Веднаш се разбудиле стражарите, дотрчале во градината, го фатиле принцот Иван и го одвеле кај својот цар, Долмат.
Царот Долмат се налутил на Иван и викнал:
- Како не ти е срам да крадеш, млад човеку! Кој си ти и од каде си, чиј син си и како се викаш?
Принцот Иван му одговорил:
- Јас сум од Виславовото царство, син сум на царот Вислав Андронович, а се викам Иван. Вашата жар-птица секоја ноќ ни долетуваше во градината и ги истресуваше златните плодови од омилената јаболкница на татко ми. Сето дрво го обра, па татко ми ме прати да ја пронајдам жар-птицата и да му ја донесам.
- Ах, принцу Иван, - рекол царот Долмат, - зар така се постапува? Да дојдеше кај мене јас ќе ти ја дадев птицата. А, што ќе се случи ако јас сега по сето царство разгласам дека си постапил нечесно? Туку, слушај, принцу Иван. Ако го исполниш она што ќе го побарам од тебе да појдеш преку девет планини и девет мориња, во десетото царство и ако ми го донесеш коњот со златна грива од царот Афрон, ќе ти ја простам грешката и со големи почести ќе ти ја дадам жар-птицата. Но, ако не го сториш тоа низ целото царство ќе разгласам дека си крадец.
Принцот Иван заминал откај царот Долмат тажен, со ветување дека ќе му го донесе коњот со златна грива.
Отишол тој кај сивиот волк и му раскажал сé што му рекол царот Долмат.
- Здрав и жив да си, млад јунаку, принцу Иван! – му рекол сивиот волк. – Зошто не ме послуша, зошто си го зел златниот кафез?
- Знам, виновен сум – му одговорил Иван.
- Добро, ништо! – го утешил волкот. – Јавни ме, а јас ќе те однесам каде што треба.
Го јавнал принцот Иван волкот, а тој јурнал како стрела.
Трчал тој, трчал, и на крајот, среде ноќ, стасале во царството на царот Афрон.
Кога стасале до царската коњушница направена од бел камен, сивиот волк му рекол на принцот Иван:
- Влези, принцу Иван, во коњушницата, сите стражари цврсто спијат. Земи го коњот со златна грива. На ѕидот виси и златна узда, но неа не земја ја, инаку лошо ти се пишува.
Принцот Иван влегол во коњушницата, го зел коњот и сакал да се врати назад. Но, ја видел на ѕидот златната узда, та се полакомил. Само што ја симнал низ коњушницата почнале да се слушаат грмотевици и татнежи, небаре на уздата биле спроведени жици. Стражарите веднаш се разбудиле, дотрчале и го фатиле принцот Иван, па го одвеле кај царот Афрон. Царот, пак, почнал да го распрашува:
- Здраво-живо, момче! Од која земја си, кој ти е татко и како се викаш?
Принцот Иван му одговорил:
- Јас сум од Виславовото царство, син сум на царот Вислав Андронович, а се викам Иван.
- Ах, принцу Иван, - рекол царот Долмат, - зар така се постапува? Да дојдеше кај мене јас ќе ти го дадев коњот со златна грива. А, што ќе се случи ако јас сега по сето царство разгласам дека си постапил нечесно? Туку, слушај, принцу Иван! Ако го исполниш она што ќе го побарам од тебе да појдеш преку девет планини и девет мориња, во десетото царство и ако ми ја доведеш принцезата Елена Прекрасна, по која моето срце веќе одамна тагува, ќе ти ја простам грешката и ќе ти го подарам коњот со златна грива сосе уздата. Но, ако не го сториш тоа низ целото царство ќе разгласам дека си крадец.
Тогаш принцот Иван му ветил на царот Афрон дека ќе му ја доведе принцезата Елена Прекрасна, а штом заминал откај него почнал горко да плаче.
Отишол тој кај сивиот волк и му раскажал сé што му рекол царот Афрон.
- Здрав и жив да си, млад јунаку, принцу Иван! – му рекол сивиот волк. – Зошто не ме послуша, зошто си ја зел златната узда?
- Знам, виновен сум – му одговорил Иван.
- Добро, ништо! – го утешил волкот. – Јавни ме, а јас ќе те однесам каде што треба.
Го јавнал принцот Иван волкот, а тој јурнал брзо како стрела.
Тој итал толку брги како што може да се ита само во приказните, па стасал во царството во кое живеела принцезата Елена Прекрасна. Само што стасал до златната ограда која ја опкружувала прекрасната градина, волкот му рекол на принцот:
- Слези од мене, принцу Иван, и врати се по истиот пат по кој дојдовме, па почекај ме на широкото поле под злениот даб.
Принцот Иван тргнал каде што му било кажано. Сивиот волк, пак, седнал покрај златната ограда и чекал принцезата Елена Прекрасна да излезе во градината. Приквечер, кога сонцето се спуштило на запад и воздухот станал пријатен и свеж, принцезата Елена Прекрасна излегла со своите слуги и придружнички да се прошета низ градината. Кога дошла до местото каде седел сивиот волк, тој ја прескокнал оградата, ја зграпчил Елена Прекресна, повторно ја прескокнал оградата и почнал да бега. Така дотрчал до зелениот даб каде што го чекал принцот Иван и му рекол:
- Принцу Иван, бргу јавни ме!
Принцот Иван го јавнал, а сивиот волк се стрчал кон царството на царот Афрон. Прдружничките и слугинките на принцезата кои шетале со неа низ градината оттрчале во дворецот и веднаш пратиле потера за да го стаса сивиот волк. Но, колку и да биле брзи, гонителите не успеале да го стасаат сивиот волк, па се вратиле назад.
Принцот Иван додека седел на сивиот волк се вљубил во принцезата Елена Прекрасна, а и таа во него. Кога волкот стасал во царството на царот Афрон, принцот Иван морал да ја одведе принцезата во дворецот и да му да предаде на царот. Принцот толку многу се натажил што почнал да лее солзи. Сивиот волк го прашал:
- Зошто плачеш, принцу Иван?
Принцот, пак, му одговорил:
- Ах, сив волку, ах, мој пријателе! Како да не плачам и да не тагувам? Ја се вљубив во принцезата Елана Прекрасна, а сега треба да му ја дадам на царот Афрон за тој да ми го даде коњот со златна грива. Ако не му ја предадам, царот Афрон ќе ми ја извалка честа во сите царства.
- Многу ти служев, принцу Иван, - му рекол сивиот волк, - па ќе го сторам и ова за тебе. Послушај ме: јас ќе се престорам во принцезата Елена Прекрасна. Ти одведи ме кај царот Афрон и земи го коњот со златна грива. Царот ќе помисли дека јас сум вистинската принцеза. Кога ќе го јавнеш коњот со златна грива, јас ќе го замолам царот Афрон да излезам да се прошетам низ полето. Кога тој ќе ме пушти со придружничките и слугинките ти сети се на мене и јас повторно ќе бидам покрај тебе.
Само што ги изговорил овие зборови сивиот волк удрил по земјата и се престорил во принцезата Елена Прекрасна, така што никој не можел да познае дека не е таа. Принцот Иван го зел сивиот волк и се упатил кон дворецот на царот Афрон, а на принцезата Елена Прекрасна и рекол да го чека неадвор од градот. Кога дошол кај царот Афрон со божемната принцеза Елена Прекрасна, тој многу се израдувал заШто го добил она што одамна го посакувал. Ја повел лажната принцеза, а на принцот Иван му го дал коњот со златна грива. Принцот го јавнал коњот и излегол надвор од градот. Ја качил на коњот и Елена Прекрасна, па заедно се упатиле кон царството на царот Долмат.
Сивиот волк живеел три дена кај царот Афрон како принцезата Елена Прекрасна, а четвртиот ден дошол кај царот со молба да се прошета низ полето за да ја ублажи својата голема тага. Царот Афрон одговорил:
- Ах, моја прекрасна принцезо, Елена Прекрасна! За тебе би сторил сé, така што ќе те пуштам да се прошеташ по полето.
Тој веднаш им наредил на придружничките и слугинките да појдат со принцезата на прошетката низ блиското широко поле.
Принцот Иван, пак, одел по патот и разговарал со Елена Прекрасна и за малку ќе заборавел на сивиот волк. Тогаш се сетил и запрашал:
- Ах, каде ли е мојот сив волк?
Само што ги кажал тие зборови, сивиот волк се појавил пред него и му рекол:
- Јавни ме, принцу Иван, а принцезата Елена Прекрасна нека јава на коњот со златна грива.
Принцот Иван го јавнал сивиот волк, па така тргнале кон царството на царот Долмат. Оделе тие, оделе и кога стасале на три врсти од царството, принцот Иван почнал да го моли сивиот волк:
- Послушај ме, драг пријателе, сив волку! Многу добрини ми направи, направи ми ја уште оваа, последна! Еве што ќе те замолам: престори се во коњот со златна грива, зашто јас не можам да се одделам од него.
Сивиот волк удрил по земјата и се престорил во коњот со златна грива. Принцот Иван ја оставил принцезата Елена Прекрасна на зелената ливада, го јавнал сивиот волк и тргнал кон дворецот на царот Долмат.
Кога стасал, царот Долмат го забележал принцот Иван како го јава коњот со златна грива и излегол од своите одаи. Го пречекал принцот во дворот, го бакнал, го зел за десната рака и го повел во дворецот. Од голема радост царот наредил да се приреди гозба. Седнале тие на трпезата. Пиеле, јаделе, се веселеле два дена, а третиот ден царот Долмат му ја дал на принцот Иван жар-птицата сосе златниот кафез.
Утредента царот Долмат посакал да го појава својот коњ со златна грива. Наредил да го оседлаат, го јавнал и се упатил кон широкото поле. Само што го разиграл коњот, овој го фрлил на земја царот Долмат, се престорил во сив вол, истрчал и го стасал принцот Иван.
- Принцу Иван, – рекол сивиот волк, - јавни ме, а принцезата Елена Прекрасна нека јава на коњот со златна грива.
Принцот Иван го јавнал сивиот волк и тргнале по патот. Кога стасале до местото каде сивиот волк го растргнал коњот на принцот Иван, волкот застанл и рекол:
- Е, па, принцу Иван, те случев верно и чесно. На ова место го растргнав твојот коњ, дотука и те доведов. Симни се од мене, јавни го коњот со златна грива и патувај каде што ти е драго. Јас повеќе не сум ти слуга.
Само што го кажал тоа сивиот волк исчезнал. Принцот Иван горко заплакал по сивиот волк и продолжил понатаму со својата прекрасна принцеза.
Јавал така, јавал со принцезата Елена Прекрасна на коњот со златна грива и за прел на дванаесет врсти од своето царство. Се симнал од коњот и заедно со принцезата легнал под едно дрво за да се одмори од големата жештина. Коњот го врзал за тоа дрво, а кафезот со жар-птицата го ставил покрај себе. Додека лежел на тревата го фатл сон.
За тоа време, браќата на принцот Иван – Дмитриј и Василиј – кои скитале по разни царства не можеле да ја најдат жар-птицата се враќале дома со празни раце. Тие го виделе заспаниот брат, принцот Иван, и принцезата Елена Прекрасна. Кога ја здогледале жар-птицата во залтниот кафез и коњот со златна грива с еполакомоиле и се договориле да го убијат својот помлад брат, принцот Иван.
Принцот Дмитриј го извлекол мечот, го прободел принцот Иван и го исекол. Потоа ја разбудил принцезата Елена Прекрасна и почнал да ја распрашува:
- Прекрасна девојко, од кое царство си, чија ќерка си и како се викаш?
Принцезат Елена Прекрасна кога го видела мртов принцот Иван се стресла и почнала горко да плаче. Таа низ солзи зборувала:
- Јас сум принцезата Елена Прекрасна, а ме доведе принцот Иван, кого вие сте го предале на страшна смрт. Да бевте јунбаци ќе го повикавте на мегдан на рамното поле и буден ќе го победевте. Но, вие убивте човек во сон и Зар заслужовте пофалба за тоа? Човек што спие е исто како мртов чОвек.
Тогаш принцот Дмитриј го допрел својот меч до греадите на принцезата Елена Прекрасна и и рекол:
- Слушај, Елено Прекрасна! Сега си во наши раце. Ќе те одведеме кај нашиот татко, царот Вислав Андонович, а ти ќе му кажеш дека ние те доведовме и тебе и жар-птицата и коњот со златна грива. Ако не го сториш тоа ќе те убијам.
Принцезата Елена Прекрасна се исплашила до смрт и ветила дека ќе каже онака како што и рекле тие.
Тогаш двајцата браќа фрлиле коцка за да видат кому ќе му припадне принцезата Елена Прекрасна, а кому коњот со златна грива. Принцот Василиј ја добил принцезата, а принцот Дмитриј коњот со златна грива. Тогаш принцот Василиј ја повел принцезата, ја качил на својот најдобар коњ, а принцот Дмитриј го јавнал коњот со златна грива и ја зел жар-птицата за да му ја предаде на својот татко, Вислав Андронович. Така тие продолжиле понатаму.
Принцот Иван лежел мртов на истото место триесет дена. По триесет дена на тоа место наишол сивиот волк и по мирисот насетил дека тоа е принцот Иван. Сакал да му помогне, да го оживее, но не знела како а го стори тоа. Волкот забележал еден гавран и две гавранчиња што летале и сакале да се спуштат на земја. Волкот се скрил зад една грмушка и само што се спуштиле гавраните на земја тој излегол и зграпчил едно од гавранчињата, па сакал да го растргне. Тогаш гавранот му рекол:
- Здраво-живо, сив волку! Не растргнувај го моето младо, тоа ништо не ти згрешило!
- Слушај, Гаврану Гаврановски! – рекол сивиот волк – Нема да го пипнам твоето гавранче и ќе го пуштам живо и здраво ако направиш како што ќе ти речам. Одлетај преку девет планини и преку девет мориња, а од десетата земја донеси ми мртва и жива вода.
Тогаш гавранот му одговорил на волкот:
- Ќе го сторам тоа, само не растргнувај го син ми.
Само што го рекол тоа, гавранот одлетал.
По три дена се вратил и донел два мева: едниот со жива вода, а другиот со мртва, па му ги дал на сивиот волк. Сивиот волк ги зел водите, го растргнал гавранчето на два дела, го испрскал со мртвата вода и гавранчето одново се споило, потоа го испрскал со живата вода, па гавранчето пркнало и одново летнало. Потоа сивиот волк го испрскал принцот Иван со мртвата вода, па неговото тело се споило, го испрскал и со живата вода, а принцот Иван станал и рекол:
- Ах, леле, колку долго сум спиел!
На тоа сивиот волк му одговорил:
- Да, принцу Иван, да не бев јас ти вечно ќе спиеше. Твоите браќа те убија и со себе ја одведоа принцезата Елена Прекрасна, коњот со златна грива и жар-птицата. Сега побрзај, што поскород а стасаш во твоето царство. Твојот брат, принцот Василиј, денес се жени сио твојата невеста, принцезата Елена Прекрасна. За да стасаш што поскоро јавни ме и јас ќе те однесам.
Принцот Иван го јавнал сивиот волк, а тој поитал кон царството на царот Вислав Андронович.
По кратко време тие стасале во градот. Принцот Иван се симнал од сивиот волк, тргнал низ градот и кога стасал во дворецот го затекнал својот брат Василиј како се жени со принцезата Елена Прекрасна. Принцот Иван влегол во палатата, а Елена Прекрасна веднаш штом го здогледала скокнала од масата и почнала да го прегрнува и да го бакнува, велејќи му:
- Ова е мојот љубен, принцот Иван, а не злосторникот што седи на масата!
Тогаш царот Вислав Андронович станал од масата и ја прашал принцезата Елена Прекрасна што зборува. Елена Прекрасна му ја кажала целата вистина: како принцот Иван дошол до неа, до коњот со златна грива и до жар-птицата, како постарите браќа го убиле дури тој спиел и како и се заканувале и ја натерале да каже дека сето тоа тие го нашле.
Царот Вислав се налутил и наредил синовите Дмитриј и Василиј да ги затворат.
Принцот Иван, пак, се ожелнил за принцезата Елена Прекрасна и живеел со неа во слога и љубов, така што не можеле еден без друг.

Превод од руски: Емил Ниами

Комментариев нет: