пятница, 1 февраля 2008 г.

СТАРИОТ ДРУГАР Е ПОДОБАР ОД ДВАЈЦА НОВИ – ЕЛЕНА ОЛЕЈНИК

„Де густус нон диспутандум“, рекле старите, односно, за вкусовите не се расправа. Лесно им било на нашите предци да бидат великодушни, зашто во нивно време проблемот на разни вкусови се сведувал на едноставен избор меѓу лубеница и свински ребра. Е, сега работите стојат поинаку. Да кажеме дека некое семејство се подготвува достојно да си го помине својот одмор. Притоа, него го влечат планините, а неа живата водна стихија. Тој ги сака културно-историските споменици, а таа е склона кон ноќните игранки. Како да им се удоволи на кутрите, а згора на тоа и да се запази сувереноста на вкусовите? Постои излез. Отпатувајте во Македонија, за малку пари обајцата го добиваат она што го посакуваат. Прекрасна земја е Македонија.
За прв странски турист што го посетил овој крај се смета апостолот Павле. Тој дошол тука за да го проповеда христијанското учење и добил најблагопријатен впечаток за македонската земја и за, на изглед, суровите (сепак се деца на планините), но мошне дружељубивото и гостопримливо население.
Денешниот турист не исполнува толку висока мисија. Англичани, Французи, Холанѓани, Швеѓани и други со задоволство доаѓаат тука на риболов, да се искапат во тукашните езера од сказните, да им се восхитуваат на уникатните споменици на христијанската култура. Само нашите земјаци не ги пробале тукашните убавини. Но, сепак, руските туристички фирми во оваа сезона сериозно се зафатија со разработување на македонскиот пазар. И за да не се плашите од мачката во вреќа, ќе ви раскажам што знам.
Секој турист што доаѓа во Македонија, најпрво ќе се најде во нејзината престолнина - градот Скопје. Обично маршрутите се направени така што гостите се задржуваат ден-два во главниот град за да се насладат со неговите убавини и знаменитости. Да си кажам право, такви нешта во современиот дел од градот има малку. На среде штрчи зградата на телевизијата, а наоколу безброј кафулиња, сендвичарници, дуќани и трговски центри.
Ако сакате да одите низ дуќаните, имајте предвид дека иако цените се ниски, изборот не е ништо особено. Така што без да трошите време, тргнете во стариот град. Тука има што да видите. Во својата многувековна историја градот видел и убаво и лошо. Него постепено го разурнувале и повторно го граделе ту Римјаните, ту Словените, ту Турците, па дури и еден австриски генерал го потфатил. Како резултат на тоа се добила премногу интересна слика: џамии со антички столбови, православни цркви со источни орнаменти.
Од главниот град ќе ве одведат кон местото за одмор. И најверојатно тоа ќе биде брегот на Охридско Езеро, зашто токму таму е сконцентриран најголем број хотелски комплекси. Охридско Езеро е прекрасно. Се наоѓа опкружено со планини, како огледалце на дланка. Водата е кристално чиста, секое камче се гледа. Каменот што се гледа е ништо, ами може да се види и познатата охридска пастрмка. На брегот, пак, се гледаат малечки риби – плашици, кои всушност од никого не се плашат, ами самите безобразно ги скокоткаат капачите. Малку подалеку живеат белвицата, која е така наречена поради белото месо, полуметарската јагула и летницата со розово месо – природен жив фосил од времето на плиоценот. Мошне вкусен фосил.
Познато е дека рибата оди каде што е подлабоко, а човекот каде што е поубаво. Во конкретниов случај и двете божји суштества прекрасно се чувствуваат на Охридско Езеро.
Крај Охридско Езеро има неверојатен број цркви: 365! И секоја е со свој колорит. Во храмот на Света Софија, на пример, често се одржуваат концерти на класична музика. Да се направи аџилак по светите места е згодно и со такси, зашто тука е мошне евтино. Ако сте добар шофер и не се плашите од јазлестите патишта, може и да изнајмите автомобил. Она по што уште се познати тукашните места е и богатиот риболов. Дури и да сте држеле трска в рака уште како дете, сепак испробајте ја својата рибарска среќа. Таа, пак, брзо ќе ви врати со дебела јагула или убава, силна балканска пастрмка. Одете до полуостровот Градиште што се наоѓа на Охридско Езеро, а оттаму темниот црнобрадест чамџија, со својот чамец со дупки и со мотор „вихр“ ќе ве однесе до местото каде што лежи вашата риба. Најверојатно тоа ќе бидат селата Пештани или Трпејца – сеедно. На туристите им даваат прибор, и „во тајност“ ќе им ги кажат месните финти, така што уловот е гарантиран. А, додека мажите се зафатени со риболов, дамите можат да поседат во некоја живописна селска кафеана или да се забавуваат со купување охридски бисер. Тоа всушност не се вистински бисери, ами монистра што се направени од рибина лушпа.
Со еден збор, постојат голем број причини за да се оди во Македонија: прекрасна природа, задоволителна услуга, слободен визен режим, ниски цени и сепак тие се наши, браќа – Словени. А, стариот другар, тоа е веќе познато, е подобар од двајца нови.

Превод од руски: Емил Ниами

Комментариев нет: