пятница, 1 февраля 2008 г.

ОГЛЕДАЛО – ЉУПЧО ПЕТРЕСКИ

Огледалото само и служеше да ја исчешла косата бидејќи, не секој пат, но овој пат, и беше важно да биде видена со добро средена коса, иако природата беше сурова кон неа кога ја создала нејзината коса како седело за штрк и секое влакно суво и безживотно како од кокосов орев. Ама не беше само косата, и тој краток поглед во огледалото доцна попладне во хотелот, таа воопшто не го сакаше својот изглед. Само очите и беа сјајни и полни со живост како сјајните костени во вреќата на старецот кои ги продаваше на пазар рано тоа попладне, додека се шетаа по непознатиот град, со тие жени, со кои треба за кратко време да се види, а кои и рекоа дека треба повеќе да внимава на својата коса, бидејќи има навистина убава коса. Знаеше дека нема убава коса, ниту некој, некогаш ја сметал за убава - нејзе тоа воопшто не и пречеше, ниту зборовите упатени за нејзиниот изглед зад нејзиниот грб. Ниту зацрвените образи и пресушената кожа која секогаш мирисаше на цигари. И на усните ја почувствува трагата од никотин и сонцето, но и суровото време како што помина со прстот по рапавите усни. Длабоко се замисли како да се обидува да ја создаде сликата што сакаат тие жени да ја видат. Ја извади четката за коса и темно-сината наметка на која забележа креасти влакна од нејзината мачка која сега е сама со кактусот во станот, оставена на милоста на нејзината сосетка. Каменот во нејзиниот желудник се отпреврте. Го изми лицето со ладна вода и ја почувствува терапевтската моќ на ладната вода која како да и ги изми и мислите и тој камен во желудникот кој неколку дена веќе се превртува во неа, во овој проклет град, во овој безначаен хотел. Ја остави четката, ја стави наметката уште еднаш се погледна во огледалото, но сега ладно и рефлексно, и излезе. Но пред да излезе каменот во желудникот уште еднаш се отпреврти, сега малку беше полесен, можеби од неколкуте капки вода кои несвено ги голтна додека го плисна лицето со вода, и морници и поминаа по рацете. Кожата така се беше наежила што свилената наметка не можеше да падне сама од себе. Помисли на дента кога нејзината мајка ја остави пред училиштето, тој проклет прв ден на училиште кога го почувствува каменот како се отпревртува во неа. Се тркалаше и тркалаше и додека стоеше сама на прозорецот од училиштето и ја очекуваше својата мајка. Се тркалаше и кога беше пикната во аголот од училницата, и ги читаше басните на Толстој, додека некое копиле ќе ја плукнеше право в лице, или ако промашеше по косата, а таа ги мразеше миризливите плунки од тие немиени неранимајковци по својата коса, можеби затоа ја стрижеше така кратко, отпорна на смрдливи плунки од копилиња кои мирисаа на мочка и нем, а таа само ќе ја избришеше и ќе продолжеше со читањето, а каменот се тркалаше и тркалаше во неа. Се тркалаше и кога прв пат се осмели да го фати курот на својот професор во автобусот додека одеа на екскурзија, тој никогаш не го заборави тој момент, затоа и секогаш се јавуваше по телефон потоа, а таа никогаш не возврати на тој повик, но каменот се тркалаше и отпревртуваше во стомакот. Ете и сега додека ѕвони телефонот каменот уште се отпревртува, со мала забелешка, не толку грубо и надразнувачки, можеби од неколкуте капки вода. Не одговори на повикот. Знаеше дека се тие жени. Самата помисла на тие жени ја правеше да прави чудни нешта. Забележа во својата рака како држи кармин. Сигурно ве интересира која боја? И самата не знаеше што боја е, бидејќи го имаше купено на едно од овие патувања кога сите жени купуваат глупави работи како кармин. Треба да е пембе црвена-жените ја сакаат таа боја на кармин, или можеби тоа беа мажите? Се доближи до вратата и заслуша познат глас. Тоа беше глас кој го слушаш ретко, но некако познато, и ја потсети на утро. Ја отвори вратата и го виде својот комшија со кого разменуваа едно “добар ден” или можеби почесто “добро утро”. Фина е неговата сопруга и малото убаво синче со кое се среќава во лифт понекогаш. Го испушти карминот, се наведна и го подигна. Знаеше дека и него најчесто работата го носи по овие чудни хотели и средби со сите овие чудни луѓе. Но не знаеше дека по половина час нејзиниот комшија ќе го ебе момчето кое седи до него.

Комментариев нет: