пятница, 1 февраля 2008 г.

СМРТТА НА ЧИНОВНИКОТ – АНТОН ПАВЛОВИЧ ЧЕХОВ

Една прекрасна вечер не помалку прекрасниот чиновник Иван Димитрич Червјаков седеше во вториот ред фотелји и со биноклот ја гледаше “Корневилски камбани”. Тој гледаше и се чувствуваше на врвот од блаженството. Но, одеднаш… Во расказите често се среќава тоа “но одеденаш”. Писателите имаат право: живото е полн со ненадејности! Но, одеднаш лицето му се намурти, очите му искокнаа, му запре здивот… тој го тргна од пред очи биноклот, се наведна и… апчиха!!! Како што гледате кивна. Кивањето никому и никаде не му зебрането. Киваат и селаните и полициските команданти, а некогаш дури и тајните советници. Сите киваат. Червјаков воопшто не се збрка, се избриша со шамивчето и како секој учтив човек погледна околу себе: да не му попречил некому со кивањето.Но сега се збрка. Тој виде дека старецот што седеше пред него, во првиот ред фотелји, грижливо си го бришеше своето голо теме и вратот со нараквицата и мрмореше нешто. Во старецот Червјаков го препозна цивилниот генерал Бризжалов кој работеше во службата за комуникации.
- Го испрскав! – си помисли Червјаков. – Не е мој началник, туѓ е,но сепак, незгодно е. Треба да се извинам.
Червјаков се накашла, се подаде со телото напред и му шепна на генера лот на уво:
- Извинете, ваше благородство, ве испрскав… не сакајќи…
- Ништо, ништо.
- Живи Бога, извинете. Јас… не сакајќи!
- Ах, седете, ве молам! Оставете ме да слушам!
Червјаков се збрка, глупаво се насмевна и почна да гледа на сцената. Гледа, но блаженството повеќе не го чувствува. Почна да го мачи неспокојство. За време на паузата му се приближи на Бризжалов, помина покрај него и совладувајќи го стравот промрморе:
- Јас ве испрскав, ваше благородство… Простете ми… Јас… Не за да…
- Ах, престанете… Јас веќе заборавив на тоа! – рече генера лот и нетрпеливо мрдна со долната усна.
“Заборавил, а во очите му се гледа злоба” – си помисли Червјаков, сомнително погледнувајќи го генера лот. – Не сака ни да зборува. Треба да му објаснам дека навистина не сакав… дека е тоа закон на природата, зашто може да си помисли дека сум сакал да го плукнам. Сега можеби нема да помисли, но подоцна ќе помисли!..”
Кога стаса дома Червјаков и раскажа на жена си за својата неучтивост. Жена му, како што му се чинеше, многу лекомислено се произнесе за тоа што се случило; на почетокот се исплаши, но кога дозна дека Бризжалов е началник во друг оддел се успокои.
- Сепак оди и извини се, - му рече таа. - Ќе помисли дека не знаеш да се однесуваш во друштво!
- Во тоа е и работата! Јас му се извинував, а тој некако чудно ме гледаше… Ни еден убав збор не ми рече. А, и немавме време за да поразговараме.
Следниот ден Червјаков облече нова униформа, се потстрижа и тргна кај Бризжалов за да му објасни… Кога влезе во приемната на генера лот, тој виде многу молители, а меѓу нив и самиот генерал кој веќе беше почнал да прима. Откако ислуша неколкумина генералот го погледна Червјаков.
- Вчера во “аркадија” ако се сеќавате, ваше благородство, - почна да објаснува чиновникот, - кивнав и… не сакајќи ве испрскав… Изв…
- Глупости… Бог знае што! Што сакате? – му се обрати генералот на следниот молител.
“Не сака да зборува! – си помисли Червјаков побледувајќи. – Значи се лути… Не, нема да ја оставам работава вака… Ќе му објаснам…”
Кога генералот го заврши разговорот со последниот молител и тргна и се упати кон внатрешните простории, Червјаков зачекоре по него и промрморе:
- Ваше благородство! Се дрзнувам да ве обеспокојам, тоа го правам поради чувството на каење!.. Не беше намерно, само колку да знаете!
Генералот направи плачливо лице и замавна со раката.
- Ви ме се потсмевате, човеку! – рече тој, сокривајќи се зад вратата.
“Какво потсмевање сега? – помисли Червјаков. – Воопшто не се потсмевав! Генерал, а не може да разбере. Ако е така повеќе нема да му се извинувам на паунот! Ѓавол нека го земе! Ќе му напишам писмо, но нема повеќе да доаѓам! Жими Бога нема да доаѓам!
Си мислеше така Червјаков одејќи си дома. Не му напиша писмо на генералот. Мислеше, мислеше и никако да го смисли тоа писмо. Утредента требаше сам да појде и да му објасни.
- Јас дојдов вчера да ве вознемирувам, ваше благородство, - промрморе тој, кога генералот ги подигна на него очите прашално, - не за да ви се потсмевам. како што рековте. Јас се извинував зашто кивајќи ве испрскав… а, воопшто не ни помислував да ви се потсмевам. Смема ли јас да ви се потсмевам? Ако така се потсмеваме тогаш нема да има никаква почит кон личностите… нема да има…
- Надвор!!! – грмна генералот кој одеднаш посине и почна да се тресе.
- Што? – шепотејќи праша Червјаков, треперејќи од страв.
- Надвор!!! – повтори генералот, тропајќи со нозете.
Нешто се скина во стомакот на Червјаков. Не гледајќи, не слушајќи, тој се упати кон вратата, излезе на улицата и се затетерави… Махинално дојде дома, не соблекувајќи ја униформата легна на креветот и… умре.

Превод од руски: Емил Ниами

Комментариев нет: