пятница, 1 февраля 2008 г.

МЕХАНИЧКА ЖЕНА – ГОРДАНА МИХАИЛОВА БОШНАКОСКА

И дојде тој ден
кога нејзиното тело се распрсна
на неговите составни делови:
сé се разглоби во неа
и падна околу неа.
Така престана да постои
во елементот на самиот почеток,
а се разлеа на сите страни
во мали потоци од крв

Дел – НОЗЕ

Нејзините голи нозе
се заплеткаа во свилената коса
на куклите,
очите и влегоа во празните дупки на лицата
од куклите.
Зелените светилки
и го означуваат патот
по кој шеташе нејзиното распарчено тело.
Таа влегуваше во експлозиите на просторот
создавајќи нови експлозии
и му се доближуваше
на вграденото сонце
со закана.

Дел – ДОЈКИ

Нејзините голи дојки
се надувуваа и малаксуваа
во ритамот на пливањето.
Правеа бранови
во кои се давеа:
таму некои датуми,
некои битни настани
од нејзиниот живот,
па некои спомени на луѓе
што нешто некогаш и значеле
во животот.

Дел – ГРАДИ

Нејзините гради беа ковачки мев,
кои под некоја невидлива команда
ги создаваа ритмичките возбудувања
околу неа
и сето тоа се пренесуваше
до блиската средба со сонцето
што ја чекаше со нетрпение.
А нејзините мисли во главата
и стоеја сосема свежи,
во таа комора
за длабоко замрзнување,
остана целиот нејзин земен живот,
убаво затворен.

Дел – ЛИЦЕ

Нејзиното лице ги губеше
свежите линии
и се влечеше кон аглите на просторот.
Електрицитетот ја затегаше
нејзината утроба
во сите правци,
додека не ја направи тапан,
по кој во ред
со нетрпение чекаа годините
да чукнат по еднаш.
Нејзината несреќа ја направи,
да остане во времето
и да ги собира изгубените делови
на своето тело.
И како ги собираше
така одново ги губеше.

Комментариев нет: